Скопје, 23.11.2022 – Тринаесеттото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови Анимакс Скопје Фест ќе се одржи од 24-ти до 26-ти ноември во Кинотека на С.Македонија. На него ќе бидат прикажани 39 куси анимирани филмови во официјалната програма и 8 анимирани филмови кои се наменети за детската публика.
Филмовите за официјална конкуренција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, меѓу кои најголем број од: Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Кина, Бразил, Унгарија и други.
„Кога растев мојот татко во една прилика ми рече: „Не ми е целта да те научам да бидеш успешен и богат. Само сакам да бидеш добар човек.“ – Тогаш не ми беше сосема јасно што сака да ми каже, но денес знам. Без такви добри луѓе, 13-то издание на Анимакс, немаше да се случи. Трпеливо ја чекаме поддршката од Агенцијата за Филм на СРМ, а на Град Скопје и Кинотека на С. Македонија од срце им благодарам за поддршката на првиот фестивал за анимиран филм во Македонија, Анимакс Скопје Фест“ – вели директорот на фестивалот, м-р Кузман Кузмановски.
Оваа година жирито го сочинуваат: директорот на Кинотека на С. Македонија, Владимир Ангелов, уметницата Сашка Андреевска и историчарот на уметност Горјан Гишев.
Голем број од филмовите кои ќе бидат прикажани на фестивалот се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија. Така што на отворањето, гледачите ќе имаат шанса да го погледаат актуелниот победник на фестивалот Анеси, вториот ден ќе започне со „Бришачот“- кој доби Оскар, а третата вечер е во знакот на „Црвениот Зајак“. Освен за светски признатите филмови, Анимакс Скопје Фест останува доследен и во процесот на детекција на нов уметнички квалитет, давајќи простор на млади и талентирани уметници да ја прикажат својата работа. Во тој контекст во детската програма ќе биде прикажан и филмот на младата авторка Миа Панова, „Маја Новак“. Исто така во рамки на пропратната програма на фестивалот Анимакс Скопје Фест ќе се случи промоција/перформанс на поетската книга „Вкрстувања“ од Ѓорги Тодороски.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 19.30 часот. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 26-ти ноември (сабота) со почеток во 12.00 и 14.00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот анимиран филм за деца и да го одбере победникот. Влезот во Кинотека за сите проекции на Анимакс Скопје Фест е бесплатен.
Фестивалот „Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.