Скопје, 22.12.2019 – Златната Тула за најдобар анимиран филм на деветтото издание на Анимакс Скопје Фест ја понесе шпансиот филм „Последната песна“ од Борха Гереро Парапар. Со втора награда (Сребрена Тула) се закити британскиот филм „Добри намери“ од Ана Манцарис, додека Бронзената Тула ја доби јапонскиот филм „Замок“ од Јотаро Мијаџима.
Специјална награда од жирито доби чешкиот филм „Ќерка“ од Дариjа Кашчеева. Специјална награда добија и германскиот „Сакај ме, плаши се од мене“ од Вероника Соломон, британско-португалскиот „Индивидуа” од Беатриз Багуљо и британскиот „Скоро таму” од Нели Микенауд.
Детската публика го изгласа филмот „Малиот Сив Волчко. Летна забава“ од Норвешка наНаталија Маликина за најдобар детски филм на Анимакс #9.
За наградите одлучуваше меѓународната жири комисија во состав Радостина Нејкова (Бугарија), Фернандо Галрито (Португалија) и Горан Трифуновски (Македонија).
На трите фестивалски денови на Анимакс Скопје Фест беа прикажани 40 краткометражни анимирани филмови и 10 анимирани филмови за деца во официјална конкуренција. Тие беа избрани од пријавените 1.170 анимации, од кои најголем број од Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други земји.
На фестивалот беше одржана и една работилница за деца под наслов„Џвакај и анимирај“.
Настанот се одржа од 20 до 22 декември под мотото „Од дел до цел“ во Кинотека на Македонија. Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.